Skip to main content
Македонија

Лефков: Судскиот совет изврши упад во Академијата за судии и обвинители, во УО назначи свој член и сестра на пратеничката Калевска од СДС

02/11/2024  12:29

Интегрален текст од прес-конференција на Миле Лефков, ВМРО-ДПМНЕ

Судскиот совет и Советот на Јавни обвинители продолжуваат да преземаат чекори и да делуваат кон намалување на довербата на народот во правосудството.

Советот на судии дрско изврши упад во Академијата за судии и јавни обвинители, и наместо да назначи судии за членови на УО на Академијата, истиот назначи свој член на таа позиција.

Имено на 24.10.2024 година Судскиот совет ја назначи Антоанета Димовска, која е член на Судскиот совет за член на УО на Академијата.

Членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси забранува избрано или именувано лице истовремено да врши функција на член на орган на управување во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал. Членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се избрани и именувани лица, и не можат да вршат функција во органи на управување како што е Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители.

Важно е да се напомене дека Антоанета Димовска покрај тоа што е именуван функционер е и сестра на пратеничката од СДС Снежана Калевска Ванчева.

Законот е јасен. Антоанета Димовска не може да биде член на УО на Академијата за судии и јавни обвинители. 

Дали нејзината роднинска врска со пратеник од СДС го мотивирала Судскиот совет да ја назначи за член на УО на Академијата, иако не смеел тоа да го направи?

СДС треба да кажат која е нивната вмешаност во изборот?

Антоанета Димовска треба да си даде оставка од позицијата, а Судскиот совет колективно да ја понесе одговорноста за овој упад во системот.