Skip to main content
Македонија

Николоски по средбите во Дубаи и Шарџа: Очекуваме сериозни инвестиции во туризмот, инфраструктурата, земјоделието и недвижностите

16/04/2025  07:45

Очекувам дека во брзо време ќе видиме инвестиции од Обединатите Арапски Емирати во Македонија. Потпишавме неколку договори за економска соработка што се услов за идната соработка. Посебно е важно тоа што Дубаи станува центар за извозот кон Истокот, што е одлична можност за домашно извозните компании да ја користат помошта и логистиката што ја нуди Владата на ОАЕ, истакна вицепремиерот Александар Николоски, кој е дел од владината делегација која е во работна посета на Обединетите Арапски Емирати.

“Министрите за надворешни работи потпишаа договор за економска соработка, исто така има договор и во образованието и културата, како и договор за заштита на инвеститорите и одбегнување на двојното оданочување. Овие договори се предуслов за да можеме да одиме кон следната фаза, а тоа се конкретни инвестиции и конкретни проекти кои што ќе ги видиме во Македонија. Она што е исто така значајно, што е можеби комплетна новина за македонскиот бизнис и стопанство, а тоа е дека ОАЕ особено Дубаи, стануваат центар за трговијата кон Истокот, особено во овие комплицирани и турбулентни времиња во светот, имајќи ги во предвид геополитичките игри. Постои огромна можност за македонските компании кои што извезуваат да го користат Дубаи и Владата на ОАЕ како помош и сервис при нивниот извоз, како би се отвориле бројни нови пазари, кои што во моментов не се достапни за македонските компании”- изјави Николоски.

По средбите со стопанските комори во Шарџа и Дубаи, тој потенцираше дека има голема заинтересираност за соработка во делот на туризмот, инфраструктурата и земјоделскиот сектор.

“Морам да кажам дека фокус број еден е туризмот, кој сериозно расте и потенцијалите кои ги нуди Македонија навистина се нешто што е препознаено. Секако тука е и инфраструктурата, коридорите 10 и 8, како и коридорот 10Д, како потенцијални места за инвестирање, тука секако е и земјоделието, тука се и недвижностите. Така што ова се области каде што има огромна заинтересираност од страна на Обединетите Арапски Емирати да инвестираат во Македонија, очекувам во периодот кој што е пред нас ќе одиме кон втората фаза, а тоа е конкретизирање на проекти и за брзо време ќе можеме да видиме делегација на ОАЕ во Македонија како и инвестиции тука”- изјави Николоски.