Skip to main content
Македонија

Кос: Северна Македонија е шампион на Планот на раст за Западен Балкан

16/04/2025  06:47

Северна Македонија е наш шампион кога се работи за Планот на Европската комисија за раст на Западниот Балкан, што навистина добро функционира и таа прва ги доби средствата за предфинансирање, истакна еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР) од која дел е и МИА.  

Таа потенцира дека од вкупната сума од шест милијарди евра од Планот за раст, за земјава се предвидени 715 милиони евра, во чии рамки е и предфинансирањето од 52 милиони, од кои еден дел се исплатени директно во државниот буџет, а останатиот дел оди преку Инструментот за реформи и раст на Западниот Балкан. 

– Во тој поглед, не треба да се грижите за Северна Македонија. Таа навистина е на добар пат, нагласи Кос. 

За жал, според неа, ова не може да се каже и за Босна и Херцеговина, која не може ни да се вклучи во Планот за раст, бидејќи се уште не ја доставила својата Реформска агенда до ЕК, ниту пак именувала свој главниот преговарач.  

– Знаете, работите кои се толку нормални или лесни во другите земји, во Босна, особено при сегашната институционална криза, се многу потешки, додаде Кос. 

Еврокомесарката потсети дека од вкупната сума на средства од Планот за раст една третина се грантови, а две третини заеми и тие средства се наменети за спроведување на реформите дефинирани со реформските агенди на секоја земја. Најголем дел од средствата се наменети за реформи во владеењето на правото, потоа за развој на бизнисите или деловното опкружување, за дигитализацијата, за транспортот, за енергија и за развивањето вештини.  

Според неа, интересна станува следната фаза кога врз основа на добиените извештаи за спроведените реформи ќе зависат идните исплати. 

– Затоа е толку важно за Босна да се договориме за реформската агенда, бидејќи следните исплати ќе зависат од тоа што е испорачано. Ако не го испорачаат договореното за одреден период, тогаш ќе добијат некаква можност за продолжување на рокот за да ги направат реформите. Но, во најлош случај, а се надеваме дека тоа нема да се случи, не можевме да ја направиме исплатата и овие пари може да ги користат другите држави, додаде Кос. 

Таа потсети и дека Самитот за Планот за раст на Западниот Балкан требаше да се одржи минатиот месец во Скопје, но беше одложен поради трагедијата во Кочани, па сега најверојатно ќе биде организиран во јуни, за кога Кос и најави дека ќе ја посети земјава.