
Додека Сојузот за синдикатите на Македонија (ССМ) со месеци чека дијалог и усвојување на нивното барања за покачување на минималната плата на 500 евра, 24Инфо ги праша граѓаните колку според нив треба да изнесува минималната плата во Македонија.
Сите анкетирани се согласија дека минималната плата не смее да биде под 500 евра, како и дека досегашните 24 илјади денари во никој случај не се доволни ниту за покривање на најосновните потреби како што се плаќање на сметки, кирија и храна, а во никој случај за да си дозволат да купат нешто плус.
“Со овој стандард најмалку 35.000 денари, а и тоа е малку, треба и повеќе”, вели еден граѓанин.
“800 до 1000 евра за да стигне, а камо ли да остане да одиш на одмор, лето, зимо… Со 24.000 што можеш да направиш сега? Да си купиш гардероба можеш? Не можеш! Да наполниш кошничка, да ставиш гориво, цигари, јадење? Каде тоа се?”, вели друг револтиран граѓанин.
Семејството и децата бараат повеќе финансии, граѓаните велат и двајца сопружници да земаат по 500 евра минимална плата малку е, тоа е доволно само за да се преживува.
“Ако е минимална плата 500 евра и другиот сопружник да има исто така 500 евра до некаде за скромен живот може да се преживее. Но да си овозможиш некои други работи како одмор, со деца си, да ги однесеш во игротека да си поиграат, да им купиш нешто… никако. Месечно со 1500 евра ќе преживееш за нормален живот”, вели една млада мајка.
Граѓаните сложни, ги поддржуваат протестите на ССМ за повисока минимална плата затоа што, како што велат, така и ним ќе им се зголеми платата.
Целата анкета погледнете ја во продолжение:
Наталија Јосифоска