Skip to main content
Uncategorized

Мицкоски: За повеќето граѓани се прифатливи уставни измени со одложено дејство

01/11/2024  18:56

За мнозинството граѓани прифатливи се уставни измени со одложено дејство, кажа премиерот Мицкоски на брифинг со новинарите, повикувајќи се на теренска и на телефонска анкета што биле направени во октомври за потребите на ВМРО-ДПМНЕ.

52% се изјасниле ЗА ваквата опција, додека 39% биле против, а 9 отсто одбиле да одговорат на ова прашање.

Слично е расположението кај анкетираните и за тоа дали се согласуваат на уставни измени доколку ЕУ даде гаранции за идентитетот, а Бугарија спроведе дел од пресудите за македонското малцинство.

Што се однесува до францускиот предлог, ваков каков што е, мнозинството од граѓаните и натаму се против.. Го поддржуваат само 28%, додека Против се 53%..

Во однос на тоа во која насока се движи Македонија, граѓаните имаат поделено мислење- 49,9 проценти сметаат дека државата оди во позитивна насока, наспроти 36,8 кои имаат спротивен став.

За работата на Владата во првите 100 дена, 56% имаат позитивно мислење, додека 30,9 отсто негативно.

Покрај оваа теренска анкета, во октомври било спроведено и телефонско анкетирање за рејтинзите на партиите и лидерите.

Според резултатите од ИПИС, владејачката ВМРО-ДПМНЕ има убедливо највисока поддршка од 26 отсто, наспроти СДСМ, ДУИ и Вреди кои имаат по 7 проценти, Левица 5 и ЗНАМ 4 отсто.

На прашањето во кој политичар имате најголема доверба, за премиерот Мицкоски се изјасниле 27,8%, зад него е Ахмети со 8,6%, Филипче 5,5%, додека најдолу на листата се Црвенковски, Пендаровски и Груевски по околу 1 процент доверба.