
Според податоците од СAД, околу 37.000 американски војници во моментов се стационирани во Германија во неколку десетици бази. Повеќето од нив се во базата Рамштајн и неговата околина. Тоа е најголемата американска воена заедница надвор од САД. Покрај тоа, околу 12.000 германски цивили работат за американската војска низ цела Германија, исто така најголем дел во провинцијата Рајнска област-Пфалц.
Бидејќи Доналд Трамп повторно е претседател на САД, се стравува дека тој може да го намали бројот на војници во Германија. Уште за време на неговиот прв мандат, Трамп се закани со делумно повлекување на американските трупи од Германија во 2020 година. Неговото размислување беше дека Германија не доделува доволно средства за НАТО.
„Ќе го намалиме бројот на војници во Германија на 25.000“, рече тогаш Трамп. Меѓутоа, администрацијата на Џозеф Бајден подоцна ги отфрли тие планови.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс зеде поостар тон кон сојузниците во НАТО и Германија за време на Минхенската безбедносна конференција: го критикуваше наводното ограничување на слободата на говор во Германија и го поврза со американското воено присуство во земјата: „Целата одбрана на Германија е финансирана од американските даночни обврзници“.
И министерот за одбрана Пит Хегсет на почетокот на февруари, за време на посетата на американските војници во Штутгарт, рече дека новата американска администрација во моментов не планира масовно повлекување на војниците од Европа. Сепак, во исто време, тој нагласи дека ќе се разгледа глобалната распределба на американските сили.
Овие гласини дополнително ги подгреа британскиот Телеграф, кој неодамна објави за наводно масовно префрлање на американски војници од Германија во Унгарија. Тие наводи се уште не се потврдени.
Повлекувањето на американските трупи би било „катастрофален сигнал“
Воениот експерт Карло Масала од Универзитетот Бундесвер во Минхен смета дека заминувањето на американската армија од Германија би претставувало и „катастрофален сигнал во однос на безбедносната политика“, особено кон земјите како Русија, бидејќи ќе покаже дека САД повеќе не гарантираат целосно конвенционална воена поддршка за сите европски сојузници.Сепак, Масала смета дека „не е многу веројатно“ дека ќе дојде до голем трансфер на американски војници, барем не брзо и на краток рок.
Можно е, вели Масала, да има „постепено повлекување на војниците или нивна прераспределба во Европа“.
Тој додава дека под Трамп, САД повеќе не се гледаат себеси како „примарен гарант за безбедноста на Европа“: „Нема да можеме да ги спречиме Американците во голема мера да се повлечат конвенционално од Европа“.
Нуклеарното одвраќање на САД и присуството на конвенционални трупи во Европа се сметаат за клучни за одбраната на европските сојузници во НАТО.
Нуклеарниот чадор не е загрозен
Се проценува дека околу 20 тактички американски нуклеарни боеви глави се стационирани во воената база Бухел. Нема официјална потврда. Германија, која нема сопствено нуклеарно оружје, би можела да го користи во кризна ситуација, но само со одобрение на американскиот претседател. Последните политички настани во САД покренаа сомнежи дали Трамп воопшто би бил подготвен да одобри такво нуклеарно учество.
Меѓутоа, засега Масала не гледа „никакви индикации од САД дека и нуклеарниот чадор е доведен во прашање“.
Сепак, тој смета дека Европа треба да се подготви за такво сценарио. Има смисла, вели Масала, „да се дополни американскиот нуклеарен штит со француски“, бидејќи е малку веројатно дека Американците во иднина ќе бидат подготвени да „ризикуваат уништување на Њујорк за, да речеме, ослободување на Естонија“.
Многу Германци, цивилни работници на американската војска, моментално се вознемирени, како што потврди Сузане Шефер од синдикатот Верди во Кајзерслаутерн.
И воениот експерт Масала вели: „Присуството на американските војници е, се разбира, економски фактор во местата каде што се распоредени“.
Пред две недели, вработените во јавниот сектор во овој град учествуваа во предупредувачки штрајк, меѓу кои и многумина кои работат за американската војска. Тие бараа повисоки плати и подобри услови за работа, додека многумина истовремено стравуваат за своите работни места.
„Стравот е, се разбира, огромен. Секој ден добиваме нови лоши вести. Никој не знае како ќе се развиваат работите“, вели Јирген Кнаип (58). Тој е пожарникар вработен во американската армија во Кајзерслаутерн и се плаши дека може да ја изгуби работата.
Според податоците на синдикатот, во моментов има забрана за вработување во цивилниот сектор на американските сили, укината е можноста за работа од дома, а вработените се повеќе добиваат „сомнителни“ мејлови. Илона Лауер, продавачка во Центарот за воена заедница Кајзерслаутерн, налутено вели: „Мораме да испратиме е-пошта за пет работи што ги направивме во изминатата недела. Апсолутна контрола!“
Друг вработен, кој сакаше да остане анонимен, додава дека никој не знае како да реагира на тие пораки. Страшно е што нешто се решава во Вашингтон, а веќе следниот ден добивате таква пошта.
Американската војска продолжува да инвестира милијарди во базите во Германија
Во германскиот град Баумхолдер, заканите досега беа одговорени прилично мирно. Американците таму се стационирани веќе 80 години, а во регионот живеат околу 8.000 американски војници и членовите на нивните семејства. Покрај тоа, во американската воена база во моментов се градат голем број нови станбени единици за приближно 2.000 дополнителни војници.
Армијата на САД планира да премести специјална единица од Штутгарт во Баумхолдер и да инвестира околу една милијарда долари за оваа намена.
САД во моментов инвестираат значителни суми во други воени бази во Рајнска област-Пфалц.
Нова воена болница се гради во Вајлербах, во близина на базата Рамштајн, која ќе стане најголемата американска воена клиника надвор од САД. Претседателот на општината, Ралф Хехлер (ЦДУ), затоа не гледа индикации дека Американците би можеле да се повлечат. Па дури и да се повлечат, вели тој, тоа сигурно нема да се случи преку ноќ.
(ДВ)