
Премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче денеска ќе имаат средба во Владата, но претходно тие „ќе се соочат“ и во пленарната сала во Собранието каде премиерот и министрите ќе одговараат на опозициски прашања. Се очекува Филипче на средбата во Владата да му го образложи на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ неговиот план за долгорочна стратегија на државата која би се изготвила со политички дијалог. Ова е прва средба меѓу нив по стапувањето на премиерската функција на Мицкоски и преземањето на претседателската позиција во СДСМ од страна на Филипче.
Од Владата вчера попладне соопштија дека имајќи ја предвид меѓусебната подготвеност за средба, таа е закажана за 14 часот.
– Согласно јавната комуникација и упатените иницијативи и демонстрираната подготвеност од двете страни, за утре во 14 часот е закажана средба меѓу премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, посочија од Владата.
Лидерот на опозициската партија Филипче вчера на прес-конференција повика на политички и општествен дијалог. По трагедијата во Кочани, рече тој, граѓаните реагираа со револт и бес, системот не функционира како што треба, а за тоа вина, како што посочи, имаат сите политички партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ… Областите каде што треба системски пристап, според него, се – образование, здравство, правосудство, животна средина, партизација и политизација. Смета дека треба да се изготви стратегија во која ќе се влучат сите, во форма на политички дијалог, врз основа на која државата ќе функционира во следните децении, многу повеќе од мандат на која било влада и која било партија или коалиција да ја води таа влада. Во однос на правосудството, истакна Филипче, неминовно е да се донесат реформската агенда во што пократок рок реформските закони во одреден систем во којшто ќе се постигне широк консензус не само политички туки и други фактори од делот на правосудството на коишто ова навистина им е експертиза.
-Тоа што граѓаните најмногу ги иритира а тоа е партизацијата и политизацијата. Мора да ги ослободиме институциите од канџите на политиката и партијата за да младите луѓе имаат навистина добар, компетитивен мерит систем и на тој начин да се вработуваат и напредуваат поради тоа што само на тој начин можеме експертизата да ја издигнеме на соодветно и заслужено ниво, нагласи Филипче, додавајќи дека добро е на овие теми да седнат лидерите на сите партии.
Лидерот на СДСМ истакна дека на премиерот Мицкоски и подетално би му го образложил овој план на средбата, но и врз основа на она што го образложил ќе се приклучат и другите политички партии.
На новинарско прашање дали на средбата ќе ја постави темата за евроинтеграции и уставни измени, рече дека најверојатно ќе се зборува и за таа тема.
Во изјава за медиумите вчера премиерот Мицкоски изјави дека темата е сериозна и оти доколку има план како што најавија, подготвен е да го прими на средба претседателот на СДСМ да го образложи планот, да го слушне планот.
– Јас сум сериозен човек, сериозни работи се во прашање и најмалку што треба да се прави е естрада на јавна сцена. Доколку навистина има план и желба да помогне стојам на располагање во секое време ќе го прераспределам мојот распоред, на полноќ на полноќ, после полноќ, кога ќе каже тогаш да го сослушам неговиот план и да видиме дали во тој план може нешто да се реши. Но, доколку планот опфаќа пристап „Стабри“, како што беше во минатото за време на короната тогаш такви планови не можам да прифатам, изјави Мицкоски.