
За лицето од Радовиш, кое целата јавност го виде на видео на „Тик-ток“ додека ја тепа својата сопруга, ќе се испитува дали постои основа за задржување откога вчера беше приведено.
Од Обвинителството соопштија дека постапката за него е во тек.
„Постапката за лицето е во тек врз основа на поднесената кривична пријава. Меѓу другото, ќе се испита дали во конкретниот случај постои основ за негово задржување. Јавното обвинителство и истражните органи имаат обврска да постапуваат единствено врз основа на доказите во предметите“, велат од Јавното обвинителство.
Претходно, МВР објави дека против 35-годишникот е поднесена кривична пријава, но во нивното соопштение нема информација дали по приведувањето, тој бил пуштен на слобода.
Од она што засега е официјално, сопругата не сака да го гони и во разговор со полицијата тврдела дека видеото било старо. Случајот го пријавила мајка ѝ, но сопругата тврди таа тоа го прави за да ги раздели, а мајката од своја страна вели дека е загрижена за ќерка си.