
Сѐ повеќе луѓе денес избираат „седечки“ начин на живот и минуваат часови пред екраните, што доведува до лесно таложење на вишокот килограми, иако се знае дека урамнотежената исхрана и редовната физичка активност се клучни фактори за слабеење. Процесот на слабеење честопати не е лесен, но со постепено воведување едноставни навики, може да се олесни.
Според Националната здравствена служба на Велика Британија, она што се пие во текот на денот може да има големо влијание врз Вашата тежина.
„Замената на засладените пијалоци со вода може да Ви помогне да изгубите тежина. Ако не Ви се допаѓа вкусот на обичната вода, додадете парчиња лимон или лимета за да ја направите повкусна“, советуваат стручњаците.
Губењето тежина не мора да биде стресен процес, бидејќи клучот е да се направат постепени промени коишто може да се одржуваат долгорочно. Затоа, советот гласи: Постепено прифаќајте ги новите навики и пронајдете го она што најдобро Ви одговара, пренесува порталот „Кликс“.
„Следно, се препорачува да се воведат околу 20 минути физичка активност дневно, како и повеќе овошје и зеленчук во исхраната и намалување на вносот на храна богата со шеќери и заситени масти. Исто така, брзото одење може да биде доволно за да го поттикнете Вашето тело да се движи и да согорите дополнителни калории“, се наведува.
Ако се чини тешко наоѓањето време за вежбање, обидете се да вклучите мали активности во секојдневието, како што е одењето по скали наместо со лифт, прошетка на паузата на работа или извршување на домашните работи малку побрзо и со повеќе енергија. Совет: Малите промени можат да донесат големи резултати, па секогаш може да се најде начин којшто му одговара на Вашиот животен стил.