
Британскиот јавен сервис Би-Би-Си објави опширна анализа за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 59 луѓе, а над 100 беа повредени. Анализата открива неколку клучни фактори што ја направија оваа несреќа толку смртоносна.
Според извештајот, локалот во кој се случи трагедијата претходно бил складиште за килими и немал лиценца за работа како ноќен клуб. Вечерта на настанот, македонската музичка група ДНК настапувала на сцената, а снимките покажуваат како пиротехничките прскалки исфрлаат искри што го предизвикуваат пожарот. Иако неколку лица се обиделе да го изгаснат огнот со противпожарни апарати, пламенот многу брзо се проширил.
Најсмртоносните фактори, според Би-Би-Си, биле следните:
1. Запалливи градежни материјали – Таванот на објектот бил направен од материјал кој брзо гори, а ѕидовите биле од гипскартон, кој не е огноотпорен. Ова придонело пожарот да се прошири за многу кратко време.
2. Недостаток на излези – Единствениот функционален излез бил главната врата, преку која сите присутни се обиделе да излезат. Иако имало уште еден импровизиран излез во задниот дел на објектот, вратата била заклучена и без квака однатре, што ја онемозможило евакуацијата.
Овие пропусти довеле до стампедо, при што стотици луѓе се обидувале да избегаат низ еден ист излез, што драстично го зголемило бројот на жртви.
Анализата на Би-Би-Си ја отвора и прашањето за регулативите и безбедносните стандарди во ваквите објекти, укажувајќи на сериозни системски пропусти што можеле да се избегнат.