Skip to main content
Македонија

Контроли на 50 локали, инспекцијата затвори објекти без лиценца

18/03/2025  17:09

Портпаролката на Владата, Марија Митева, на денешната прес-конференција информираше дека во последните два дена се извршени 50 контроли во угостителски објекти со лиценца за кабаре и дискотека низ државата.

Според податоците од Државниот пазарен инспекторат, 22 објекти поседуваат важечка лиценца, додека 15 работеле со истечена дозвола. Во тек се проверки на сите 22 објекти со валидна лиценца, а за оние без дозвола или со истечена важност изречена е мерка – забрана за вршење дејност.

„Во Скопје се контролирани 13 објекти – само два имаат важечка лиценца, осум работеле со истечена дозвола, а три воопшто немале лиценца. Во Куманово се евидентирани три објекти со лиценца за кабаре, сите со валидни дозволи“, изјави Митева.

Во Прилеп два објекти биле со истечени лиценци, во Гостивар еден, а во Охрид има објекти и со важечки и со истечени дозволи. Во Тетово, пак, биле откриени локали кои работеле без никаква лиценца.

Инспекторатот продолжува со проверки за исполнување на техничките услови, дури и кај објектите со лиценца. Сите кои не ги исполнуваат законските барања ќе се соочат со затворање.

Дополнително, Митева информираше дека Владата обезбедила транспорт и сместување за 58 лица чии блиски, повредени во пожарот во Кочани, се испратени на лекување во странство. Трошоците за нивниот престој ќе бидат покриени од државата.