Skip to main content
Македонија

Мирче Стојков ќе ја води Општина Кочани по оставката на Љупчо Папазов

18/03/2025  16:24

Мирче Стојков, советник од ВМРО-ДПМНЕ, ќе ја води Општина Кочани до изборот на нов градоначалник, откако досегашниот Љупчо Папазов поднесе оставка од морални причини по трагедијата во дискотеката „Пулс“, во која загинаа 59 млади луѓе, а 155 беа повредени. Стојков досега ја извршуваше функцијата заменик градоначалник.

Според законските процедури, по објавувањето на оставката на Папазов во Службен весник, Стојков има рок од 15 дена да го извести Министерството за локална самоуправа. Потоа, Министерството во рок од 15 дена треба да ја извести Владата, која во наредниот месец ќе ја констатира оставката и ќе иницира постапка за распишување избори за нов градоначалник.

Советот на Општина Кочани има рок од 30 дена да избере в.д. градоначалник од редот на советниците. Со оглед на тоа дека редовните локални избори треба да се одржат во октомври, а законски нема потреба од вонредни избори ако до редовните има помалку од шест месеци, најверојатно новиот градоначалник ќе биде избран на редовните избори.