
Општина Карпош започна со субвенционирањето за купување нови велосипеди и електрични тротинети, наменета за жителите што живеат на нејзина територија. За таа цел, локалната самоуправа одвои 850.000 денари од својот буџет, а акцијата ќе трае до исцрпување на средствата, функционирајќи според принципот „прв дојден – прв услужен“.
Притоа, се предвидува субвенционирање до 30 % од цената на купување нов велосипед или во максимален паричен износ најмногу до 4.500 денари, додека, пак, за купување нов електричен тротинет, Општина Карпош ќе субвенционира до 30 % од цената, односно најмногу до 6.000 денари.
Право на субвенционирање ќе има секој полнолетен жител на Општина Карпош што ќе купи нов велосипед или електричен тротинет почнувајќи од 17.3.2025 година.
Потребните документи за субвенционирање велосипеди и електрични тротинети се: барање за субвенција за купување нов велосипед или електричен тротинет, изјава за согласност за обработка на личните податоци, лична карта (фотокопија), трансакциска сметка (фотокопија) и фискална сметка или фактура за купен велосипед или електричен тротинет што е купен не порано од 17.3.2025 година.
Жителите што веќе оствариле право на субвенција во тековната година и добиле средства по истата од Град Скопје, немаат право да учествуваат по огласот. Заинтересираните странки треба да ги достават барањата со комплетната документација до архивата на Општина Карпош (барака број 2).
По поднесувањето на документите, подносителите, во писмена форма, ќе бидат известени дали ќе бидат корисници на предвидените средства за субвенција за купување нов велосипед или електричен тротинет.