Skip to main content
Спорт

На 16 април во Скопје хуманитарен натпревар ќе одиграат Вардар и Црвена ѕвезда

18/03/2025  10:04

Поранешниот европски и светски фудбалски шампион Црвена ѕвезда и најтрофејниот македонски клуб Вардар ќе одиграат хуманитарен пријателски натпревар.

Извршниот директор на Вардар, Миленко Неделковски и директорот на Црвена ѕвезда, Звездан Терзиќ се договорија двата клуба да се сретнат во Скопје на 16 април.

– ФК Вардар изразува огромна благодарност до големите фудбалски пријатели и нивната армија од навивачи за овој бескрајно голем хуман потег. Двата клуба договорот ќе го потпишат во текот на утрешниот ден. Исто така изразуваме голема благодарност до легендата на Вардар и Црвена yвезда, Илија Најдоски, со чие посредништво е овозможен овој спектакл, објави синоќа ФК Вардар.

Средствата собрани од натпреварот ќе бидат донирани за семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани.

На прес-конференција во текот на вчерашниот ден и селекторот на српската фудбалска репрезентација Драган Стојковиќ-Пикси предложи одигрување на хуманитарен натпревар меѓу Србија и Македонија за настраданите од трагедијата во која загинаа 59 лица а повеќе од 150 се повредени.