Skip to main content
Македонија

Во Собранието отворена Книга на жалост

18/03/2025  09:23

Во Собранието на Република Северна Македонија од денеска е отворена Книга на жалост за загинатите во несреќата во Кочани.

Во Книгата на жалост прв се потпиша претседателот на Собранието Африм Гаши.

– Со скршено срце, вознемирен дух, длабоко емотивно трогнат, ги пишувам овие редови во оваа Книга на жалост, со надеж ова да биде последната Книга на жалост отворена во ова Собрание. Трагичниот настан во Кочани и загинувањето на околу 60 млади момчиња и девојки е последниот аларм за сите политички и општествени фактори – време е да се вратиме кон себе, кон нашата хуманост и конечно да се издигнеме како феникс. Да ја обновиме оваа држава од почеток, но врз основа на ПРАВДА, ЧЕСНОСТ, ЧИСТА СОВЕСТ и ИСКРЕНОСТ. Семоќен Боже, смилувај се на нивните души, а твојот мир и милост нека ги обземат нивните најблиски и сите граѓани на државата, напиша Гаши.

Книгата на жалост ќе биде отворена за сите граѓани во следните шест дена, секој ден во периодот од 10 до 19 часот.

Граѓаните кои сакаат да се потпишат во Книгата на жалост може да влезат во Собранието преку страничниот влез – од страната на АРМ.