
Градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, попладнево дава исказ пред обвинител во истрагата за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“, каде животот го загубија 59 млади лица на возраст од 14 до 25 години. Папазов не е во првата група од осум осомничени на кои им е одреден краткотраен притвор, но е меѓу шестемина новоповикани на сослушување во Основното јавно обвинителство во Кочани.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека, според него, градоначалникот нема одговорност за работењето на нелегалната дискотека.
Обвинителството ќе бара притвор за сите 14 лица кои се под истрага, меѓу кои и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, раководители и вработени во Министерството за економија и Дирекцијата за заштита и спасување. Нови докази се откриени по анализата на одземените телефони, компјутери и серверски податоци, што води кон проширување на листата на осомничени.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најави дополнителни апсења, вклучително и на поранешни и сегашни вработени во МВР.
Обвинителот Љупчо Коцевски најави дека Инспекцискиот совет ќе ја истражи одговорноста на институциите и инспекторатите, кои со своето постапување или непостапување дозволиле 15 години да функционира дискотека без стандардите пропишани со закон и без лиценца.
Трагедијата се случи на 16 март за време на концерт на групата ДНК, кога од нелегална употреба на пиротехнички средства се запали плафонот на дискотеката, кој бил направен од запаллив материјал. Објектот, сместен во приземје на куќа со само еден прозорец со решетки и еден мал влез, немал доволен број противпожарни апарати, ниту врати за евакуација. Во хаосот, 59 млади луѓе изгореа или беа згмечени во стампедото.
Над 150 лица се повредени, а 50 имаат тешки изгореници. Во болниците во Македонија се хоспитализирани 84 лица, додека 51 пациент ќе биде пренесен на лекување во странство. Седум од повредените се малолетници.
За кривичните дела против јавната сигурност и здравјето, осомничените се соочуваат со затворски казни од три до 20 години, изјави обвинителот Коцевски.