Skip to main content
Македонија

Филипче: Никој да не биде поштеден – вистината и правдата мора да излезат на виделина!

17/03/2025  15:00

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција упати апел до истражните органи редовно да ја информираат јавноста за текот на истрагата, со цел да се спречат шпекулации. Тој нагласи дека никој не смее да биде поштеден во овој случај, во кој животот го загубија 59 лица.

„Ние денеска сме рането општество. Довербата во институциите е срозена, и ако сакаме да ја вратиме, мора да има целосна и објективна истрага. Никој не смее да биде заштитен – ниту актуелни, ниту поранешни функционери, ниту службеници. Ова не е прашање на политика, туку прашање на вистина и правда. Трагедијата е преголема за да се дозволи сенка на сомнеж,“ изјави Филипче.

Тој истакна дека одговорноста мора да биде индивидуална, но и институционална, и вети дека нема да дозволи политизирање на процесот.

„Ова е момент кога сите мораме да бидеме обединети. Не е време за политички пресметки, туку за човечност и одговорност,“ нагласи тој.

Лидерот на СДСМ порача дека неговата партија ќе стави на располагање сè што е потребно – човечки и интелектуални капацитети – за да се помогне во истрагата и во поддршката на погодените семејства.

На крајот, Филипче апелираше и до безбедносните служби да ги следат сите можни насоки за потенцијални тензии и кризи.

„На нашето мултиетничко општество не му се потребни дополнителни поделби. Потребни ни се единство и солидарност,“ заклучи Филипче.