Skip to main content
Македонија

Кекеновски: Трагедијата налага итна одговорност и правда

17/03/2025  12:24

Пишува: Проф д-р Јове Кекеновски

По вчерашната голема трагедија која ја погоди Република Македонија сакам јавно да го искажам својот став како и да дадам поддршка на ставот на Владата на Република Македонија дека големата трагедија не треба да биде политичко прашање, туку прашање на правда и одговорност. Владата на Република Македонија искажа цврста решеност да спречи било каква злоупотреба на оваа трагедија за политички цели и истовремено повика на соработка за справување со последиците од трагедијата. И така мора да биде и никако другачије. Ова не е борба меѓу политички партии или борба на суети и докажување, туку борба за вистината, за утврдување на одговорност и за спроведување на правдата. Во рамки на јавно искажаното цврсто сум убеден дека истражна постапка ќе биде транспарентна, принципиелна и неселективна што значи дека нема да постојат исклучоци, ургенции или пак други  матни игри какви што се случувале во минатото.

Од првиот момент на трагедијата, надлежните органи се на терен и преземаат конкретни мерки за утврдување на сите факти. Пораката на власта е јасна – законите ќе важат за сите, без разлика на позицијата, институцијата или политичката припадност. Секој оној што погрешил, кој не постапил професионално, кој што ја злоупотребил позицијата, кој не преземал ништо, секој кои земал мито сите до еден ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

Жално е што несосвесноста, неодговорноста и алчноста на речиси сите досегашни власти поточно на високите функционери и службеници не доведоа во ситуација оваа трагедија да ни ги открие длабоките системски пропусти – корупција, неодговорност, слаби институции и недостаток на надзор и контрола. Тоа укажува дека државата била еродирана на сите нивоа, особено во однос на владеењето на правото како и почитување на законските безбедносни и други стандарди. Еродираниот систем е резултат на неодговорноста за бесрамната корупција и злоупотреби кои со години ја поткопуваат државата.  

Никако не можам да сфатам како тоанадлежните институции поточни нивните раководители дозволиле еден ваков објект да работи со фалсификувана лиценца и без исполнети минимум стандарди. Ова јасно укажува дека одговорните функционери, државни и јавни службеници како и оние на локално ниво не воделе сметка за граѓаните, туку само за сопствениот финансики, партиски или политички интерес. Да бидам искрен се плашам дека вакви случаи на незаконски пуштени во употреба објекти (ресторани, згради, кафитерии, дискотеки, кабареа, казина и др.) се во многу голем број. 

Владата даде јавни гаранции за праведно решавање на овој проблем и зато сметам дека брзото и праведно откривање на причните за оваа трагедија ќе биде пресвртница за идно нормално функционирање на државата, а не уште еден случај кој ќе биде заборавен. Институциите мора да функционираат за да ги задоволат потребите на граѓаните, а не само за оние кои се на власт или кои имаат дебели врски и моќ.  Секој што ја поткопувал дражавата, секој што носел погрешни одлуки и придонел за оваа трагедија (но и за други трагедии и малверзации) ќе мора се соочи со сериозни правни санкциии. Ова мора да биде последен аларм кој мора да доведе до радикални промени на работењето на институциите проследено со зајакнување на контролата и одговорноста. Ова не смее да биде уште еден случај каде што институциите не реагирале соодветно. Истражните органи мора да работат темелно и објективно со цел да се утврдат и елиминираат сите системски и лични пропусти, а виновниците соодветно на вината да сносат кривична и материјална одговорност.

Добро е што Владата веќе усвои мерки за финансиска, медицинска и психолошка помош за семејствата на загинатите и повредените и што во најкус можен рок ќе се спроведе целосна ревизија на сите угостителски објекти, ноќни клубови и сали во кои се одржуваа разни видови ивенти. Ова е обврска на државата и повеќе сум од сигурен дека ќе биде исполнета во целост. Ги охрабрувам и замолувам и Владата и пратениците под итно да усвојат законски построги регулативи за противпожарната заштита и лиценцирање на објектите со цел да се спречат вакви трагедии во иднина. Се срамам од сликите кои ги виде јавноста меѓутоа и од коментарите ,,како е можно таа штала јавно да работи како дискотека пред очите на локалната и поширока јавност“

Сите овие заложби нема да ги вратат загубените млади животи, но секако дека ќе спречат во иднина да не ни се случат други трагедии. Ова е момент за единство и заедничко дејствување, а не за политички напади и маркетинг и собирање ефтини политички поени. Ова е момент каде сите мораме да соработуваме за справување со последиците од трагедијата. Државата мора и може да докаже дека институциите можат да функционираат правично и одговорно. Ова е момент за сериозни промени и воспоставување на ред, поредок и правда во Република Македонија.