
Пожар во ноќен клуб во Кочани синоќа однесе 59 млади животи, а над 100 се повредени, по што Владата најави дека ќе спроведува инспекции за сите ноќни клубови и барови.
Ваквата најава од владата беше коментирана од професорот Гордан Калајџиев кој рече дека се чека трагедија за да се преземат мерки.
„Требаше да има тешка сообраќајка за да има контрола во сообраќајот; сега тежок пожар за да се котролираат објектите… ќе чекаме пак да падне авион, да потоне брод… гробница од држава!“, напиша тој.
Трагедијата во Кочани е доказ дека Владата за се реагира отпосле, а не презема мерки за да ги заштити граѓаните и да спречи трагедии.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски е на неговата позиција веќе 14 месеци и не може одговорноста за работењето на дискотеката без лиценца, за спроведување на пиротехничко шоу без дозвола и надзор, како и за организација на настан со 1500 луѓе без пожарна и брза помош во близина да ги префрли на друг.
Тошковски и призна дека синоќа во дискотеката во Кочани била направена контрола од страна на полицијата, при што животот го загуби и еден полицаец. Меѓуатоа и покрај контролата за дрога и малолетни лица, не биле пријавени неправилности, иако помеѓу загинатите и повредените има токму и малолетни лица.