Skip to main content
Македонија

Тошковски: Работиме интензивно и се анализира буквално се што може да биде поврзано со овој ужасен настан

16/03/2025  14:12

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека се работи интензивно и се анализира се што може да биде поврзано со синоќешниот пожар во Кочани во кој според последните информации што ги објави тој,  починале 59 лица, а 155 се повредени. За четири лица распишана е централна потерница, а досега извршени се разговори со десет хоспитализирани лица, како и со еден од членовите на груата ДНК. Тошковски информираше дека се дадени насоки до сите болници каде што има моментално починати лица, по нивна идентификација да бидат известувани семејствата на истите.

Како што изјави Тошковски, ангажирани се полициски службеници од Оддел за специјални полициски операции, Оддел за форензички испитувања, хеликоптерска единица, антитероризам, Оддел за криминалистичко разузнавање и анализа, криминалистичка полиција и други, се постапува во координација со Министерството за здрвство и Центарот за управување со кризи (ЦУК), увидот го води тим од јавни обвинители, а Одделот за форензика при МВР асистира за постапувањето.

– Од страна на МВР обезбедени се болниците и во зависност од повредените ќе бидат извршени разговори со сите контактибилни лица. На сите повредени кои се згрижени во болниците во Скопје им е укажана лекарска помош. Од страна на полициски службеници извршени се разговори со над десетина лица по последните според кои ги добив кои се хоспитализирани во скопските болници. Извршен е разговор и со еден од членовите на бендот ДНК- информира Тошковски.

Тој соопшти дека е распишана централна потерница за четири лица, а од страна на МВР во координација со Јавното обвинителство се постапува во овој момент и во Министерството за економија, од каде се обезбедува документација за предметната дискотека, како и лица поврзани со истата.

Изрази сочувство за починатите во трагедијата во која животот го загуби и полициски службеник од Полициската станица Пробиштип, за кој кажа дека бил на должност за откривање дрога кај малолетници.

– Работиме интензивно со сите сили со кои располагаме, вклучени се Обвинителството, ќе бидат вклучени повеќе инспекциски служби кои во текот на денот ќе извршат контроли и вклучени се сите кои имаат каква било врска во процес на контрола  и конкретни процесни дејствија кои може да ги преземе. Се анализира буквално се што може да биде поврзано со овој ужасен настан, како  во делот на градежно-техничка документација, така во делот на потребни предуслови за ставање во функција на таков објект, како во делот на соодветни лиценци што би требало да ги поседува истиот, како во делот на конкретно постапување за време на настанот, во делот на обезбедување на истиот, постапување согласно правилници и подзаконски акти – рече Тошковски.

Во делот на се што преземаме во овој момент не само од аспект како истрага туку и за помош на повредените, дополни министерот, премиерот е во контакт со сите претседатели и премиери  од соседството и од Европа. Разговараше и со генералниот секретар на НАТО и како што рече, сите изразија огромно жалење за настанот и понудија секаков вид поддршка што ќе и  биде потребна на Македонија. Правиме се што можеме да направиме, потенцира Тошковски.

На новинарски прашања за повеќе детали за четирите лица за кои е распишана потерница, дали дискотеката имала сертификат за управување со пиротехнички средства, како и за валидноста на лиценцата за работа,  не сподели информации и побара  разбирање за да не се загрози какво било дејствие во рамки на истрагата.

– Сите информации, што се поврзани на каков било начин и со каков било детал од оваа истрага ќе бидат споделени во јавноста – рече Тошковски.

Рече дека имало и малолетни лица, но оти во момнтов не може да каже бројка.

Прашан дали досега е правена контрола за малолетници во дискотеката, појасни дека во текот на вчерашниот ден по претходно изготвен план, вршени се контроли на поголем број на објекти на територија на Македонија, меѓу кои и во дискотеката воКочани. –  Вршени се контроли на територија на СВР Скопје, вршени се контроли на територија на СВР Охрид, вршени се контроли на територија на СВР Штип. Еден од локалите на коишто се вршени контроли е токму и оваа дискотека. Полицаецот, колегата којшто загига, загина при вршење на контрола за евентуално откривање на дрога и малолетници, наведе Тошковски.

Не сподели информации и дали градоначаникот на Кочани Љупчо Папазов е предмет на истрага и замоли, како што рече, за сите процесни дејствија да оставите да ја сработиме работата како што треба. – Најефикасно и најбрзо ќе биде сработена и веднаш ќе биде известена јавноста, рече Тошковски, кој посочи дека не може да сподели информација и каде е сопственикот и дали е приведен.

Повтори дека чувствува морална одговорност и оти смета дека секој којшто бил два дена на функција во државава, треба да чувствува морална одговорност.

Според  информациите што ги сподели, заклучно со 11:30 часот, во пожарот во дискотеката во Кочани, кој избувна синоќа,  загинале 59 лица, од кои 35 се идентификувани, а од нив пак 31 се од Кочани, четири се од Штип. Повредени се 155 лица, кои се хоспитлизирани во болниците во државата.