
Две лица биле приведени поради обид за напад врз судии по фудбалски натпревар во Кавадарци, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи Велес.
– Синоќа во 17.10 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци ги привеле А.М.(45), помошен тренер на ФК Гостивар и Ш.Т.(24), фотограф на ФК Гостивар, двајцата од Република Турција, со привремен престој во државата. По завршување на фудбалски натпревар помеѓу екипите ФК „Тиквеш“ од Кавадарци и ФК „Гостивар“ одигран на фудбалскиот стадион во Кавадарци, тие на излез од теренот се обиделе физички да ги нападнат судиите. Подоцна, околу 18.00 часот на улица „Дисанска“ во Кавадарци биле приведени и Б.Б.(23) и К.Ш.(30), двајцата од Република Турција, со привремен престој во државата, вработени во управата на ФК Гостивар, затоа што го нарушиле јавниот ред и мир со агресивно и недолично однесување кон полициските службеници, кои извршувале службени дејствија, појаснија од СВР Велес.
Оттаму додадоа дека по документирање на настаните, против лицата ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.