Skip to main content
Македонија

Изјава на директорката на општа болница Кочани, Кристина Серафимова

16/03/2025  13:32

Директорката на болницата во Кочани д-р Кристина Серафимова на прес-конференција изјави дека загинатите во пожарот во дискотеката синоќа во Кочани се од Скопје, Штип, Пробиштип и од Кочани и блиските општини. Жртвите биле на возраст меѓу 14 и 25 години.

Таа кажа дека кај нив во моментов се задржани полесно повредените кои се на возраст од 18 до 23 години.

-Пациентите беа тука прегледувани, направена е тријажа. До Клиничката болница во Штип се пренесени се потешките пацинетите, а оние што беа интубирани упатени се директно за Скопска клиника, 8 Септември, и Свети Наум. Станува збор за околу 70 пациенти коишто беа прегледани. За жал имаше и починати лица. Пациентите беа со изгореници и затруени со јаглерод моноксид. Кислородната поддршка беше дадена кај сите прегледани пациенти. Кај нас во болницата има околу 20 пациенти со полесни симптоми, сите други над половината од пристигнатите, се пренесени до клиниките во републиката – изјави д-р Серафимова.

Тие биле алармирани за пожарот во раните утрински часови. Првиот повик од дискотека во Кочани поради пожар бил добиен во 2:48 часот.

-Во рок од 30 минути се мобилизира цела болница сите доктори, сите медицински сестри, сите болничари се на работа од три часо наутро. И почнаа да ги донесуваат првите пациенти. Бидејќи имавме помал број на возила се обративме до сите директори во цела источна Македонија, но и до Скопје имаат испратено од брза помош и од Велес – рече директорката на Кочанската болница.

Таа наведе дека во моментов се врши идентификација на починатите лица. Нивната бројка ќе биде соопштена од надлежното ЈО.

Семејствата на повредените и на починатите чекаат надвор пред болницата. На некои им се влошила здравствената состојба, а помош им пружаат лекари и од итната помош. Сите специјалисти од болницата се на работа.