Skip to main content
Македонија

Панчо од групата ДНК има изгореници и е на кислородна поддршка

16/03/2025  10:20

Владимир Блажев-Панчо од групата ДНК има изгореници на лицето и на раката и е на кислородна поддршка по пожарот кој сношти изби во дискотеката „Пулс“ во Кочани каде што тој настапуваше, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК неговата сетра Јадранка Николовска.

„Засега знам дека е вон животна опасност, има изгореници на лицето и на раката и е на кислородна поддршка и е во Клиничкиот центар во Скопје. Уште не знам каде е и како е Андреј и останатите членови на бендот. Немам сила да зборувам повеќе“, ни рече Николовска низ солзи.

Во пожарот во дискотеката во Кочани загинаа 51 лице, а над 100 се повредени, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Според првичните информации, како што кажа Тошковски, пожарот избил поради пиротехнички средства кои се користеле за светлосен ефект на концертот на групата ДНК.

Владимир Блажев-Панчо често вели дека е многу поврзан со неговата сестра, особено по смртта на мајка им која почина од рак во 2014. Од тимот на бендот ни рекоа дека според информациите кои ги имаат досега, музичарите се однесени в болница, дел во Скопје, дел во Штип.

Еден од членовите на бендот е на домашно лекување во Скопје. Откако се случил пожарот, бил однесен во болницата во Кочани, каде што примил инјекција со кортикостероид, а потоа пријатели со автомобил го однеле дома во Скопје.

Пожарот избувнал околу 3 часот, неофицијално поради употреба на пиротехнички средства на концертот на кој присуствувале околу 1.500 луѓе, по што настанало стампедо за излез.

Според снимките од концертот споделени на социјалните мрежи, додека пее групата проследено со пламени прскалки, почнува да гори конструкција на таванот која за неколку секунди се разгорува, кусо потоа се обидуваат да го изгасат со противпожарни апарати, при што се слуша глас на микрофон кој вика „Излезете сите“.