
Во Домот на АРМ денеска ќе биде организирана трибина „Пет години членство на Република Северна Македонија во НАТО: Постигнувања, перспективи и предизвици“.
Организатори се Дипломатскиот клуб – Скопје и Здружението на ветераните и резервистите од областа на одбраната и безбедноста.
Планирани се две сесии во рамки на трибината. Според најавата, во првата сесија поздравни обраќања ќе имаат Јован Теговски, претседател на Дипломатскиот клуб – Скопје, амбасадор во пензија, министерот за одбрана Владо Мисајловски, и генералите во пензија Илија Николовски и Павле Арсоски.
Во втората сесија се најавени излагања на Шпреса Јусуфи, амбасадор во пензија, Зоран Тодоров, дипломат во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, и обраќање на Темелко Ристески, претседател на Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста.