
Македонската ракометна репрезентација доживеа пораз од Словенија со 26-32 во квалификацискиот натпревар за ЕП, одигран во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Иако Словенците настапија со значително ослабен состав, успеаја да направат пресврт и да заминат со победа.

Избраниците на Кире Лазаров одиграа одлично во првиот дел, стекнувајќи предност од шест гола (11-5), но противникот постепено ја намали разликата и на одмор заминавме со минимално водство (16-15). Во второто полувреме Македонија не успеа да го одржи ритамот, а Словенија во завршницата направи серија од 5-1 и го обезбеди триумфот.
Најефикасен во нашиот тим беше Филип Кузмановски со 10 погодоци, Митев постигна 5, а Пешевски 4. Голманот Никола Митревски запиша 9 одбрани.
Реваншот е закажан за недела во Копер, со почеток во 18 часот.