Skip to main content
Балкан

Албанија прва во светот по зголемување на бројот на туристи

06/03/2025  11:35

Светскиот туристички барометар покажува дека класичните дестинации за летен одмор како Шпанија, Грција и Турција привлекуваат најмногу туристи, но кога станува збор за највисок процентуален раст на туристи во последните пет години, преовладуваат други дестинации, а Албанија е на прво место.

Информацијата преку социјалните мрежи ја сподели премиерот Еди Рама, објавувајќи ја табелата и најавувајќи понатамошно зголемување на бројот на туристите.

„Албанија го зазема првото место во светот како дестинација со најголем пораст на бројот на туристи во 2024 година, развој незамислив пред неколку години. По рекордната година за туризам, кога Албанија ја посетија над 10,7 милиони туристи, целта за 2025 година е уште поамбициозна, 12 милиони посетители, пишува Рама.

Албанија доживеа значителен раст на туризмот во последните години. Според бројките, земјата пречекала 7,5 милиони туристи во 2022 година, а следната тој број бележи зголемување за околу 30 отсто, односно 10,1 милиони.

Оваа бројка го покажува континуираниот раст на интересот за земјата како туристичка дестинација, благодарение на инвестициите во инфраструктурата, промоцијата на Албанија во странство и зголемувањето на авиокомпаниите и тур-операторите, кои ја додадоа во нивните програми за патување.