Skip to main content
Хроника

Полициски службеник фатен во примање поткуп на граничен премин

05/03/2025  16:38

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција. Кривичната пријава е поднесена против полицискиот службеник С.Ф. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“ согласно член 357 од Кривичниот законик.

Според информациите, на 15.12.2024 година, на граничниот премин Долно Блаце, пријавениот С.Ф., кој работел како полициски службеник во Полициската станица за граничен премин Долно Блаце, побарал и примил парични средства за да изврши службено дејствие кое не смеел да го изврши.

Имено, при контрола на лица кои ја преминувале државната граница кон Косово, С.Ф. за парична награда пропуштил лице да ја премине државната граница со видно оштетена и преправена патна исправа. Патната исправа имала скината предна корица, а пластифицираната страница со биометриски податоци била одвоена и потоа залепена помеѓу страниците. Дополнително, пријавениот не го завел лицето во граничните евиденции како лице кое преминало државна граница и не проверил дали истото се наоѓа во евиденциите за проверки.

Одделот за внатрешна контрола најави дека ќе поднесе предлог за поведување на постапка за дисциплинска одговорност против полицискиот службеник и ќе изрече задолжителна мерка за отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка.