Skip to main content
Македонија

По навредите кон Петровска конечно се огласи и претседателката Давкова: Не е лошо некогаш човек и да се извини

03/03/2025  21:10

Деновиве во фокусот на јавноста е навредата која министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во Собранието и ја упати на пратеничката Славјанка Петровска, кога во расправа за високите цени на прехранбените производи Кочоска и порача на Петровска дека не може да зборува за трошоците на едно семејство бидејќи го немала самата, алудирајќи дека нема деца и истакнувајќи дека таа самата е мажена и има две деца.

По неколку дена денес на темава се огласи и претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, која рече дека не е лошо некогаш човек и да се извини, притоа истакнувајќи дека сите политичари, како и пратениците треба да внимаваат на говорот.

„Не е лошо човек да се извини, не е лошо човек да рече дека можеби перцепцијата не е таква каква што требало да биде, намерата не била лоша намера-тоа мислам дека ќе доведе до надминување на ваквите проблеми“, изјави Сиљановска-Давкова.

СДСМ, бараше Кочоска да се извини, но таа тоа не го стори досега и децидно истакна дека за неа случајот е затворен. Подоцна Кочоска праша кој треба да се извини, дали тоа треба да го направи жена која макотрпно се борела да ги роди двете деца.