Skip to main content
Македонија

Костадинов: Струмичани добија здрава и безбедна вода за пиење

29/10/2024  16:14

„Елементарни човекови права како што е здрава и безбедна вода за пиење во ниту еден случај не смеат да бидат политизирани, како што таков обид имавме овде во општина Струмица и ние струмичани многу добро тоа на наш грб го почувствувавме. Им порачувам на сите надлежни институции да си ја гледаат својата работа без да мешаат политика во неа“, вели градоначалникот.

Прашан за неговиот став околу излегувањето на Струмица од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Костадинов рече дека намерата е да се вклучи алармот за Владата и одредени министри малку посериозно да пристапуваат кон проблемите

Водата во Струмица од синоќа е здрава и безбедна за пиење, информираше денеска градоначалникот Костадин Костадинов покажувајќи го решението што го имаат добиено од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) со кое официјално се потврдува исправноста на водата.

Костадинов, заблагодарувајќи се на соработката на инспекторите од АХВ, рече дека е добро што го потпишале записникот, иако можеби имало и притисоци, и овозможиле струмичани да ја надминат едномесечната голгота.

„Елементарни човекови права како што е здрава и безбедна вода за пиење во ниту еден случај не смеат да бидат политизирани, како што таков обид имавме овде во општина Струмица и ние струмичани многу добро тоа на наш грб го почувствувавме. Им порачувам на сите надлежни институции да си ја гледаат својата работа без да мешаат политика во неа“рече Костадинов на денешната прес-конференција.

Тој побара и за проблемот со браната „Турија“ да разговараат со надлежните институции велејќи дека Струмица била, е и ќе биде сериозен партнер на сите државни институции.

„Упатувам апел и порака до надлежните институции, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и АД ’Водостопанство’ да седнеме на маса, да дискутираме за состојбата на водата во браната ’Турија’, да изнајдеме решенија без разлика што тоа е нивна надлежност, ние Општина Струмица и ЈПКД ’Комуналец’ сме подготвени да разговараме за можните решенија дури и на брана ’Турија’. Знаеме дека Струмица сега има вода за пиење, но Општина Василево нема. Не знаеме дали утре повторно ќе има одрон во браната и повторно ќе ни се појави проблем со манган“,рече тој.

Котадинов ги повика надлежните институции-Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да не го политизираат случајот и да не наоѓаат дежурни виновници оти „еве од вчера гледаме каде е вината, но тоа не е битно бидејќи не знаеме до кога ќе трае“.

„Ова е време на прагмата, а не е време на политиката. Затоа, да седнеме како луѓе кои ја имаме честа од граѓаните да водиме институции и да носиме одлуки во интерес и за добробит на граѓаните“,рече Костадинов.