Skip to main content
Економија

ССМ ќе достави предлог за минимална плата од 500 евра, одлука ќе се носи на Економско-социјалниот совет

03/03/2025  07:58

Прашањето за зголемувањето на минималната плата останува отворено. Минималната плата треба да се усогласи овој месец и според пресметките, зголемувањето би изнесувало околу 1.800 денари. Синдикатите бараат минималната плата да изнесува 500 евра, а придонесите на разликата од висината на минималната плата до 30.000 денари да ги субвенционира државата. Од Владата оставаат да се договорат синдикатите и работодавачите, додавајќи дека немаат ништо против ако работодавачите можат да исплаќаат минималец повисок од законскиот, но дека субвенционирањето придонеси не е во агендата на Владата.  

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска се очекува до Владата да го достави предлогот со кој ќе побара зголемување на минималната плата и на сите останати плати. Оттаму за денеска во 12 часот закажаа прес-конференција на која ќе се обрати претседателот на ССМ.

Според ССМ, 24.400 денари колку што би била минималната плата согласно законското усогласување се премалку за работниците имајќи ги предвид трошоците на живот. Затоа се надеваат дека работодавачите ќе покажат добра волја и ќе го прифатат нивното барање, а Владата ќе ја одигра клучната улога да ги субвенционира придонесите за разликата од 24.400 до 30.000 денари. Од ССМ велат дека минималната плата треба да обезбеди минимум материјална сигурност за работниците. 

Работодавачите се согласни да се зголеми минималната плата, но бараат Владата да им помогне со субвенционирање на придонесите. За висината на минималната плата ќе се разговара на седница на Економско-социјалниот совет што треба да се одржи кон средината на овој месец. 

Министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочоска во телевизиско гостување во саботата рече дека ако работодавачите можат да исплаќаат повисока сума од законската како Влада немаат ништо против, но дека не може да ги субвенционираат придонесите. 

– Како ќе се договорат работниците и работодавачите во рамки на Економско-социјалниот совет, каде има претставници и од едните и од другите, ние како Влада ќе го прифатиме тоа што ќе се договорат. Платата треба да биде заснована на продуктивност и доколку одговара тој износ што го договараат, ние апсолутно ќе го поздравиме тоа, односно, доколку едната страна смета дека може да испорача продуктивност на она што ќе го договорат како минимална плата и другата страна дека ќе може да го исплати согласно законските обврски кои никогаш не сме рекле дека ќе ги менуваме, тоа ќе го поздравиме и ќе продолжиме да го почитуваме, рече министерката за финансии.

Зголемување на минималната плата на 500 евра вчера побараа и од опозициската СДСМ од каде посочија дека зголемувањето е неопходно и дека со него ќе се поттикне раст и на останатите плати.

– Економските индикатори и факти за животот во Македонија зборуваат јасно – животниот стандард на граѓаните е во постојан пад, додека Владата не презема никакви конкретни мерки за да ја подобри економската состојба. Не само што не презема ништо, туку и не прифаќа ништо понудено до СДСМ, а тоа се докажани мерки за намалување на трошоците за живот. Фактите покажуваат дека цените растат неколкукратно побрзо од платите и граѓаните од ден во ден можат да си дозволат сè помалку, посочи Шукова.

Минималната плата сега изнесува 22. 567 денари. Доколку не се постигне договор меѓу социјалните пратнери, минималната плата ќе изнесува околу 24.400 денари. Согласно законот, усогласувањето на минималната плата се прави преку следните параметри – 50 проценти од порастот на трошоците на живот за 2024 година и 50 проценти од порастот на просечно исплатена нето плата во во 2024 година.