Skip to main content
Македонија

Платформата за родова еднаквост го осуди нападот кон пратеничката Петровска

28/02/2025  15:19

Деновиве во јавната сфера сме сведоци на засилени мизогини напади врз жени што поттикнуваат дискриминација и родово-базиран говор на омраза. Овие напади се уште позагрижувачки имајќи го предвид фактот дека доаѓаат од истакнати функционери и новинари, односно јавни личности кои имаат значајна моќ и одговорност во јавната сфера.

Од друга страна, пак, од говорницата на Собранието, министерката Гордана Димитриеска-Кочоска употреби родово-базиран дискриминаторски говор насочен кон пратеничката Славјанка Петровска. Изјавата на Димитриеска-Кочоска претставува уште една потврда за распространетоста и толеранцијата на родовата дискриминација која се практикува со цел да ги понижи жените, особено во јавната сфера.

Како Родова платформа, ја осудуваме реториката на министерката која се обиде да ги сведе жените на нивната репродуктивна функција, да ги инструментализира за националистички, профитерски и патријархални цели, како и да ги дискредитира еднаквите можности, различноста и слободата помеѓу и на жените. Овој опасен наратив директно придонесува кон уназадување на позицијата на жените во општеството. Особено загрижува тоа што доаѓа директно од министерка и од законодавниот дом, место каде законите што се носат и реториките што се употребуваат влијаат на сите жени во ова општество. Да се сведе улогата на една жена само на „мајка“, а притоа да не се адресираат и решаваат проблемите на жените кои се позасегнати од сиромаштијата, грижата за децата и старите лица, без родова и социјална инфраструктура, е крајно непочитување и игнорантски пристап. Притоа, наративот на министерката директно влијае и на жените на јавни функции и нивното учество во политичкиот живот и во процесите на одлучување, односно го минимизира проблемот на и онака малото учество на жените во политиката.

Во време кога се продлабочува сиромаштијата, користењето на вакви наративи, особено во законодавниот дом каде што нашите претставници треба да работат за наше добро, гледаме уште еден напад врз жените што покажува несолидарност, непочитување и игнорирање на проблемите коишто го тиштат граѓанинот и работниците, а преку манипулација на традиционалните стереотипи, постојните предрасуди и дополнително изложување на и онака ранливите граѓанки.