Skip to main content
Хроника

Поднесено обвинение за предметот „Адитив“ против 31 лице и 5 компании

27/02/2025  16:32

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска поднесе обвинителен акт против 31 физичко и 5 правни лица до Основниот кривичен суд – Скопје.

Првообвинетиот се товари за кривично дело Несовесно работење во службата, додека шестмина се обвинети за Злосторничко здружување и Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. На четворица од нив им се припишува и Перење пари и други приноси од казниво дело.

Дванаесет лица се обвинети за Злосторничко здружување и Злоупотреба на службена положба и овластување, а двајца од нив и за Перење пари. Четворица се товарат за Злосторничко здружување и Перење пари, додека останатите четворица за Злоупотреба на службена положба.

Обвинетите управители и сопственици на компании, преку договарање, овозможиле фаворизирање на одредени економски оператори во тендерската постапка за набавка на адитиви за јаглен за РЕК Битола и РЕК Осломеј, стекнувајќи нелегална имотна корист од 397.636.400 денари.

Понатаму, обвинетите извршиле трансакции за перење пари во износ од 414.776.400 денари, со цел да го прикријат потеклото на финансиските средства.

Обвинителството побара конфискација на имот и парични средства, како и продолжување на притворот за девет обвинети и куќен притвор за еден.