Skip to main content
Македонија

Прекршочна постапка за четири маркети и ССК за картелско здружување

27/02/2025  13:06

Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) потврди за Телма дека е отпочната прекршочна постапка против четири големи синџири маркети и Сојузот на стопански комори (ССК).

Од Комисијата засега не даваат дополнителни информации, бидејќи тече рокот во кој засегнатите страни можат да достават аргументи. По нивното разгледување, КЗК ќе донесе конечна одлука дали ќе изрече казни или ќе ја информира јавноста за исходот.

Истовремено, од КЗК нагласуваат дека не се утврдени нови картелски здружувања. Според документот до кој дојде Телма, Комисијата утврдила дека четирите маркети и ССК постапиле спротивно на законот, бидејќи на состанок одлучиле да не прифаќаат нови ценовници од добавувачите до крајот на март.

Од ССК реагираа дека се изненадени од ваквата постапка, тврдејќи дека никогаш не се мешале во комерцијалната политика на економските оператори.

Во документот на КЗК се наведува дека маркетите и комората на почетокот на февруари одржале состанок во просториите на ССК, каде, според антимонополската комисија, склучиле договор за координирано одредување на цените, што претставува картелско здружување.