
Осврнувајќи се на гласањето на Македонија за резолуциите за Украина, во Обединетите нации, претседателот на СДСМ Венко Филипче истакна дека тоа е доказ дека актуелната влада води надвореѓна политика без компас и со импровизации.
„Последните одлуки и гласањето во Обединетите нации јасно покажаа дека Владата ја води надворешната политика целосно без компас, импулсивно и надвор од јасно утврдените стратешки приритети. Наместо да се однесуваме како држава со конзистентна меѓународна политика, Владата делува како залутан играч кој прави екскурзии и без причина ја напушта европската надворешна стратегија. Додека поголемите европски држави тактички балансираат помеѓу глобалните сили, Македонија со својата недоследност ризикува да биде маргинализирана од европските политички кругови“ рече Филипче.
Со воздржаното гласање за европската резолуција за Украина, додаде Филипче, нашата земја се најде во несоодветно друштво, заедно со Гана, Бангладеш и Замбија.
„Сите наши соседи гласаа „за“, а земји како Италија и Полска, кои имаат блиски односи со администрацијата на Претседателотна САД Доналд Трамп, исто така гласаа „за“.
Ова го отвора прашањето – што бара Северна Македонија во оваа група? Дали сме европска земја или сакаме да останеме во некоја геополитичка изолација? Мапата која деновиве се споделува на интернет каде Македонија е сама, изолирана во одлуката многу кажува за тоа како ни стојат работите на планот на меѓународната политика. Со овие хаотични и неразбирливи одлуки, Северна Македонија испраќа порака дека нејзината надворешна политика е импровизација. Во глобалната политика, каде секој потег има значење, ваквата неодговорност не останува незабележана“ порача Филипче.