
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека ги става на платено административно отсуство сите вработени во Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), освен директорите и клучниот персонал ширум светот, и затвора 1.600 работни места во агенцијата во САД.
УСАИД во неделата една минута пред полноќ, по локално време, соопшти дека за целиот персонал на агенцијата, освен вработените задолжени за основни работи, е одредено административно отсуство.
Агенцијата, исто така, „почнува да спроведува процес на намалување на силата“ што влијае на околу 1.600 вработени во УСАИД во САД, се вели во соопштението. Во претходното известување испратено до персоналот, се вели дека околу 2.000 вработени во агенцијата во САД ќе бидат отпуштени.
Двајца поранешни високи функционери на УСАИД процениле дека повеќето од околу 4.600 припадници на персоналот на УСАИД, службеници во државните служби на САД и дипломатски службеници, ќе бидат ставени на административно отсуство.
– Оваа администрација и државниот секретар (Марко) Рубио се кусогледи во намалувањето на експертизата и уникатниот капацитет за реакција на кризни ситуации во САД. Кога има епидемија, кога населението се раселува, овие експерти од УСАИД се на терен и се првите што се распоредуваат за да помогнат во стабилизирањето и обезбедувањето помош, рече поранешната функционерка Марсија Вонг.
Одделот за владина ефикасност (ДОГЕ), на чело со милијардерот Илон Маск, го води процесот на намалување на бројот на федерални работници, а во петокот федерален судија ѝ го расчисти патот на администрацијата на Трамп да стави илјадници вработени во УСАИД на административно отсуство.