
Државниот обвинител Љупчо Коцевски изјави дека ќе се повлече од функцијата само доколку се утврди дека сторил тешка дисциплинска повреда, согласно Законот за Јавното обвинителство. Тој нагласи дека одлуката ја препушта на политичарите, но доколку не се исполнат законските услови за негово разрешување, тогаш јавноста ќе треба да оцени дали станува збор за законит или политички мотивиран процес.
„Одлуката ја оставам на политичарите. Јас строго сум работел и ќе продолжам да работам согласно законот. Ако се исполнети условите според Законот за Јавното обвинителство, ќе го прифатам тоа и нека ме разрешат. Но, доколку не се исполнети законските услови, јавноста ќе цени дали ќе бидам разрешен на законит или на незаконит начин“, изјави Коцевски, нагласувајќи дека, според него, не постојат докази за тешка дисциплинска повреда.
Политички притисок или законска основа?
Коцевски повтори дека немал судир на интереси и дека не му е јасно на што точно мисли власта кога зборува за негово незаконско постапување. Како што објасни, неговата улога е менаџерска и тој не работи на конкретни предмети. Тој најави дека подетално ќе се произнесе откако ќе го разгледа предлогот за негова смена, кој денеска е на владина седница и ќе биде испратен во Советот на јавните обвинители.
Клучното несогласување околу именувањето на Крстевска Цалева
Еден од клучните моменти во оваа ситуација е именувањето на Наташа Крстевска Цалева во Вишото јавно обвинителство. Коцевски објасни дека таа била предложена како времен раководител додека трае суспензијата на Гаврил Хајрулахи, а не како вршител на должност, како што тврдеше Владата. Тој вели дека не знае дали обвинувањата за незаконско поставување биле причина за нејзиното повлекување, но нагласи дека ја предложил токму затоа што во Вишото обвинителство постојат нарушени меѓучовечки односи.
„Мене не ми кажала ништо, јас бев сега изненаден. Не знам евентуално кои се вистинските причини. Дали е ова што стоеше во писменото барање, со оглед дека се работи само за една реченица дека бара да биде ослободена од вршење на овие обврски за да се посвети на предметно работење“, изјави Коцевски.
Судирите во обвинителството – причина за смена?
Еден од аргументите за разрешување на Коцевски, според Министерството за правда, е токму нарушените меѓучовечки односи во обвинителството. Тој претходно изјавуваше дека барал од Хајрулахи да ги среди овие состојби, но Хајрулахи тврдеше дека бил изложен на притисок во врска со предметот „Бонуси на СЈО“, за кој ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава.
Коцевски тврди дека нападите врз него започнале по неговата наредба да се изврши надзор врз обвинителите кои повлекувале жалби во Вишото обвинителство, што довело до дисциплински постапки против Хајрулахи и неговиот колега Цветановски.
Во меѓувреме, вработени во обвинителството поднесоа кривична пријава против Хајрулахи, а против него се води постапка за злоупотреба на службената положба и малтретирање во вршење на службата.
Дали разрешувањето на Коцевски ќе се заснова на законски основи или ќе остане впечатокот дека се работи за политички мотивирана одлука, останува да процени јавноста.