![](https://24info.mk/wp-content/uploads/2025/02/20250210064654_big_730x400_74.webp)
Податоците за изборите во Косово ќе се собираат рачно бидејќи не функционира платформата за обработка и презентирање на податоците објави ноќеска претседателот на Централната изборна комисија Крешник Радоњиќи. Поради тоа, прелиминарните резултати од изборите за собранието во Приштина ќе бидат објавени во текот на денов наместо до утрово.
Тој на синоќешна прес-конференција рече дека платформата не работи поради технички проблеми.
„Не знаеме што се случило, ниту компанијата што го одржува, ниту експертите. Системот е блокиран во некои податоци“, рече Радоњиќи.
Тој додаде дека гласовите се „безбедни“.
Специјалното обвинителство нареди истрага за проблемите и можно мешање во работата на веб-страницата на Централната изборна комисија, јавија косовски медиуми.
Извори од истрагата за дел од медиумите во Приштина изјавија дека е откриен напад чија цел е да се предизвика забуна и да се манипулира со резултатите.
Веб-страницата на ЦИК не работи повеќе од еден час откако во Пеќ и Подуево во голем број почнаа да се појавуваат сомнителни резултати.
Претседателот на ЦИК, Крешник Радониќи, рече дека таа институција подолго време подготвувала и тестирала апликација за следење и објавување прелиминарни резултати, но бидејќи таа не функционирала, не можеле да ги пренесат податоците преку електронската платформа.
Излезните анкети во Косово покажуваат победа на Партијата „Самоопределување“ на Албин Курти со 39 до 40 отсто од гласовите, но според аналитичарите на изборниот процес, тоа не е доволно за независно формирање влада на Косово.
Српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека Српска листа ги добила сите 10 мандати наменети за Србите во Парламентот на Косово и му честитал на српскиот народ во Косово.