Skip to main content
Македонија

Национална работилница за управување со ризикот од поплави во Скопје

07/02/2025  08:45

Факултетот за компјутерски науки и инженерство (ФИНКИ) и Центарот за управување со знаење (ЦКМ) се домаќини на првата национална работилница за управување со ризикот од поплави. Како што информираат од ЦКМ, станува збор за дел од проектот „Urbanfloods“, ко-финансиран од Европската Унија преку програмата „Interreg IPA ADRION“.

Како што се појаснува, работилницата што ќе се одржи во Скопје ги собира експертите, креаторите на политики и сите останати засегнати страни да разговараат за предизвиците и можностите во контролата на урбаните поплави. Преку презентации, дискусии и интерактивни сесии, учесниците ќе истражуваат за постоечките напредни системи за поддршка на одлуки и рамки за политики што ја подобруваат урбаната отпорност.

– Управувањето со ризикот од поплави е растечка грижа во урбаните средини. Преку заеднички напори и споделување знаење, овој настан го отвора патот за поефективна имплементација на политиките, стратегии за превенција од поплави и мерки за ублажување на влијанието. Проектот опфаќа девет пилот-локации во осум земји од Јадранско-Јонскиот регион (Северна Македонија, Грција, Италија, Србија, Хрватска, Словенија, Албанија, како и Босна и Херцеговина. Во Република Северна Македонија пилот-локацијата е Крива Река во општина Крива Паланка, се појаснува во соопштението.

Се додава дека ФИНКИ и ЦКМ остануваат посветени на поттикнување на урбаната отпорност и поддршката на иницијативи што ја зајакнуваат подготвеноста при катастрофи и способностите за одговор.