Skip to main content
Економија

Додека се наполни потрошувачката кошничка, ќе „испари“ зголемувањето на минималната плата

04/02/2025  18:11

Март е месецот кога треба да се услогласи висината на минималната плата.

Согласно Законот за минималната плата, таа се услогласува во износ кој е збир од 50% од порастот на просечно исплатената нетоплата за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика и 50% од порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Но, вчерашниот состанок на Економско социјалниот совет во Владата, за сега покачувањето на минималната плата го става на „стенд бај“.

Причина за тоа е формулата по која се формира висината на синдикалната потрошувачка кошничка, која според последните пресметки надминува 63.000 денари за едно просечно четиричлено семејство.

Замерки за синдикалната кошничка има и премиерот Христијан Мицкоски.

„Еве јас во месец јануари дел од овие производи не ги пробав, како што се диња, лубеница, грозје, цреши, кајсии, праски. Не испив 250 грама лименка нескафе, не пушам цигари, а таму се и цигари. Малку е нелогично во минимална кошничка да имате цигари кои се содржани во методологијата“ кажа Мицкоски

Инаку вчера на економско социјалниот совет бил даден предлог потрошувачката кошница да ја креира независно тело составено од синдикатите, Државниот завод за статистика, Организација на потрошувачи, како и министерствата за економија и за финансии.

За економскиот експерт Бранимир Јовановиќ ваквото барање друг да ја креира потрошувачката кошничка е обид да се спречи раст на минималната плата.

„Ако се прави некое такво тело, тоа треба да биде со ССМ и со Државниот завод за статистика. Тие две се доволни. Нема потреба да се вклучуваат други организации со тоа што тие, пак, мора да го прифатат тоа и да се договорат. Ако се направи една таква кошничка, минималната плата треба да биде поставена и да биде да речеме 50 отсто од таа кошничка. Без тоа, нема поента да се пресметува една таква минимална кошничка“, вели Јовановиќ.

На сличен став е и Сојузот на синдикати на Македонија, кој од поодамна бара минималната плата да биде 450 евра или над 27.000 денари.

Во овој момент, минималната плата изнесува 22.567 денари и неа ја земаат околу 40.000 вработени, кои со нетрпение ја очекуваат мартовската плата за да видат колкаво ќе биде зголемувањето.

Но, до тогаш ќе треба да се стрпат да се најде ново решение за потрошувачката кошничка, па може да се случи додека владата да ја „креира и наполни“ кошничката, покачувањето на минималецот „да испари“