Во заедничка акција на македонската и српската полиција, со кодно име „Вардар“, уапсени се 10 лица осомничени за фалсификување и пуштање во оптек на лажни евра.
Голема заплена на фалсификувани пари и опрема
Според соопштението на Јавното обвинителство, акцијата е резултат на повеќемесечна меѓународна истрага. Изутринава биле извршени 23 претреси, при што биле запленети:
• Околу 500.000 евра во различни апоени
• 25.000 американски долари, 500 швајцарски франци, 1.800 израелски шекели, 10.000 албански леки, 1.000 шведски круни, 25.000 рубљи
• Машини и опрема за фалсификување пари, топли ваљаци, преси, ЦНЦ машини, детектори за лажни банкноти
• Огнено оружје, куршуми, сим-картички, лаптопи и прашкасти материи
Операцијата поддржана од Европол и Европравда
Оваа акција претставува продолжение на операцијата од август 2023 година, кога во координација со косовските власти беше разбиена мрежа за производство на фалсификувани евромонети. Денешната операција доби целосна поддршка од Европол и Европравда за Западен Балкан, кои помогнаа со разузнавачка анализа и оперативна координација.
Акција и во Србија – уапсени 6 лица, запленети 180.000 евра
Во исто време, српската полиција спроведе претреси во Нови Пазар, Нови Сад, Сомбор и Суботица, каде што уапси шест членови на криминалната група и заплени 180.000 фалсификувани евра.
Јавното обвинителство најави дека во текот на утрешниот ден ќе излезе со повеќе детали за истрагата и понатамошните чекори против оваа криминална група.