Skip to main content
Македонија

Почна протестот „Правда за Фросина“- родителите во прв ред

02/02/2025  17:23

Протестот на Партизанска на кој се бара правда за смртта на младата Фросина почна. Присутни се голем број граѓани со транспаренти на кои пишува „Безбедноста е право, не привилегија“, „За монструмот да не лежи во затвор, Фросина лежи во гроб“, „Казна за родителите“, „Не е кобно местото, туку луѓето и системот“, „Судии, ослободете ја правдата“ и други.

Насобраните граѓани ќе се движат до Собранието, Основното јавно обвинителство, а ќе се завршат пред Кривичниот суд.

Иницијативата „Кој е следен“ објави правила и препораки за однесување на протестниот марш:

1. Почитувајте ги инструкциите на редарите;
2. Движете се постојано по рутата на маршот и во насоката по која маршираат присутните;
3. Забранети се партиски обележја – протестот е граѓанска иницијатива и не смее да се партизира;
4. Избегнувајте секакви провокации и не реагирајте на истите. Не се впуштајте во конфротација;
5. Забрането е носење на остри предмети, оружје, пиротехники и слични предмети;
6. Почитувајте го јавниот простор – одржувајте чистота и не оставајте отпад. Забрането е уништување на јавен и приватен имот.