Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, преку Фејсбук статус жестоко го критикуваше Кривичниот суд, обвинувајќи го дека со благи пресуди создава култура на неказнивост за сообраќајните рецидивисти.
„Кривичниот суд се брани дека сообраќајките се општествен проблем. Во ред. Се согласувам, колеги. Но, нели ние ги учиме студентите по право дека судиската улога е преку санкции и казнена политика да создаде генерална превенција?“ напиша Апасиев.
Тој ги обвини судиите дека со години ги „олабавуваат критериумите до непрепознатливост“ и судат преблаги казни под законскиот минимум, дури и во случаи со смртни последици предизвикани од „дрога, алкохол и аздисаност“.
Според него, кога државата не ги штити граѓаните, неизбежно е да се создаде анархија:
„Ако државата преку imperium-от кој им го дала на судиите не ги штити нашите животи, тогаш ние живееме во преддржавна состојба! Немојте да се чудите ако некој родител, чие дете било прегазено од дрогиран насилник заштитен од ‘буџовански властелин’, ја земе правдата во свои раце“.
Апасиев заклучува дека состојбата во судството довела до „дивјачка средина – без право, морал и закони“, посочувајќи дека корумпираните судии, обвинители и полицајци ја срушиле довербата во институциите.