Skip to main content
Македонија

СДСМ: Намалувањето на маржите – голема измама на Мицкоски кој ги штити трговците

26/10/2024  11:39

Интегрален текст од прес-конференција на СДСМ – Богданка Кузеска, портпаролка

По само неколку недели од воведувањето, анализите покажуваат дека владината мерка за намалување на цените на основните производи е целосно неефективна. Голем дел од цените не се намалени, некои се намалени минимално, а за некои производи цените дури и се зголемени.

Оваа мерка се покажа како голема измама на Владата, која очигледно ги штити трговците, а не граѓаните. Според реалните теренски анализи, освен ПР кампањата на Владата со налепници „загарантирана цена” во маркетите, ништо друго не се променило.

Еве ги бројките. Во октомври, синдикалната кошничка е намалена за само 57 денари во споредба со претходниот месец. Тоа е заштедата за граѓаните за еден месец од мерките на Мицкоски. Денес, на едно четиричлено семејство му се потребни 61.249 денари за основните потреби во месецот, додека просечната плата падна за 1.000 денари откако Мицкоски стана премиер. Овие индикатори покажуваат дека животниот стандард на граѓаните драстично опаѓа и дека имаат сè помалку пари во џебовите.

Економистите со право ја критикуваат Владата за неуспешната економска политика. Никој не препознава план или знаење кај оваа Влада да го подобри стандардот на граѓаните ниту да ја зајакне економијата.

Додека граѓаните живеат сè полошо, Владата одбива да ја зголеми минималната плата на 450 евра. Со потсмев им вели на граѓаните „да почекаат, ќе бидат задоволни”. Чекаат работниците за повисоки плати, а граѓаните за ефективни мерки за намалување на цените.

Сите чекаат Владата да се смилува и да преземе нешто што ќе значи директна поддршка за семејствата и родителите кои се борат да ги покријат основните потреби.

Наместо да манипулира со лажни кампањи, Мицкоски треба да се охрабри и да ги продолжи добрите политики на СДСМ. Јасно е дека нема економски концепт и дека со неговите политики сите осиромашуваат. Време е да признае дека вака веќе не може и да го прифати предлогот за зголемување на минималната плата. Ова е решение кое ќе донесе бенефит за сите работници, ќе ја зголеми минималната плата, а со тоа и просечната плата. Секое семејство ќе има повеќе пари.