Секој што ги прекршува сообраќајните прописи во една од земјите на Европската унија може да ја изгуби возачката дозвола низ целата Европска Унија.
Министрите за транспорт на Европската Унија одлучија дека одземањето на возачката дозвола, во иднина ќе се применува низ цела ЕУ.
„Ова е особено важно за нас како Германија, бидејќи сме главна транзитна земја“, рече германскиот министер за транспорт Фолкер Визинг.
Проектот е дизајниран да ја зголеми безбедноста на патиштата, а повеќето земји од ЕУ веќе го поддржаа. Пред да стапат во сила овие регулативи, потребен е конечен договор во Европскиот парламент.
Ваквите мерки ќе важат за возачи кои сториле сериозни прекршоци, како што се возење под дејство на алкохол или дрога, пребрзо возење или сообраќајни прекршоци што резултирале со смрт.
Забраните за возење во траење од три месеци или подолго треба да важат низ цела ЕУ. Сепак, регулативата нема да важи за забрани помали од три месеци, пишува Fenix Magazine.
Ќе има и исклучоци, како на пример, земјата што ја издала возачката дозвола нема да мора да спроведе забрана за возење ширум ЕУ, доколку конкретниот сообраќаен прекршок не доведе до одземање на возачката дозвола во таа земја.
Во случаи кога државата издавач нема одредби за одземање на дозволата, може да се изрече забрана за возење и да се тестира способноста на возачот да управува со возилото. Потоа ќе бидат преземени „сите соодветни мерки“.
Според предлогот на земјите од ЕУ, возачите кои ќе ја изгубат дозволата нема да мора повторно да аплицираат за дозвола во земјата каде што е сторено прекршокот – на пример, во Италија, Шпанија или Португалија.
Одговорноста ќе ја има државата која ја издала возачката дозвола или земјата на живеење на прекршителот.
Во Германија, последиците од одземањето на возачката дозвола на ниво на ЕУ може да се оспорат доколку Германија била издавачот на дозволата.
Поддршка од Европскиот парламент
Европскиот парламент веќе го изрази својот став во февруари и исто така го поддржа ефектот на забраната за возење ширум ЕУ за сериозни прекршоци. Сепак, специфичните правила најверојатно сè уште ќе се дискутираат.
Проектот е директива, што значи дека земјите-членки мора да го усогласат своето законодавство. Вообичаено, периодот на транзиција трае околу две години. Затоа ќе помине извесно време пред да стапи на сила законот за одземање возачка дозвола на ниво на ЕУ.
Минатата година на европските патишта загинаа повеќе од 20.000 луѓе. ЕУ си постави за цел до 2030 година да го преполови бројот на загинати на патиштата. За да се постигне ова, бројот на жртвите ќе треба да се намалува за 4,5% годишно. Сепак, напредокот е забавен од почетокот на 2010-тите.
Целта на ЕУ е на патиштата до 2050 година, да има нула смртни случаи.