Skip to main content
Македонија

Перински: Владата продолжува да се фокусира на граѓаните и општините

25/10/2024  14:55

„Владата покажа дека локалната самоуправа ја препознава како еден од најважните столбови во државното уредување. Дадовме ветување дека ќе се насочиме кон поддршка на локалните самоуправи, со оглед на тоа дека тие се првиот контакт помеѓу власта и граѓаните. Во таа насока работевме и ќе работиме, не само декларативно”, истакна министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на денешната, трета по ред „Платформа 100% Посветено на тебе”, на која во фокусот беа земјоделието, животната средина и локалната власт. Зборувајќи за јавниот повик за поддршка на општините за реализација на инфраструктурни проекти со пари од централниот буџет, министерот Перински посочи дека процесот е отпочнат и дека за оваа година предвидени се 6 милијарди денари.

„Факт е дека општините не можат да ги реализираат тие проекти со нивните сопствени буџети. Затоа сметавме дека е неопходна една ваква интервенција од централниот буџет, а насочена кон подобрување на инфраструктурата. Целта е да не оставиме ниту едно населено место без соодветна патна, канализациона, водоводна инфраструктура, да не дозволиме да имаме дечиња коишто учат во супстандардни услови”, истакна министерот, кој смета дека со владината финансиска помош ќе се надминат основните проблеми со кои се соочуваат дел од општините, по што ќе може да се продолжи со рамномерен регионален развој, каков што доликува на сериозна држава.

„Намерата на повикот е благородна, нема грам политика. Ниту една општина не беше субјективно исклучена од процесот. Напротив, тој беше наменет за сите локални самоуправи. Се надевам дека со ова значително ќе придонесеме за подигнување на квалитетот на живот на граѓаните”, истакна Перински, кој потенцира дека вакви мерки им се потребни на локалните самоуправи, затоа што буџетите со кои тие располагаат не се доволни за поголеми инвестиции, кои се неопходни за граѓаните.

Перински на денешната „Платформа 100% Посветено на тебе” појасни кои се причините за најавените измени во Законот за локална самоуправа, кој во основа е добар, но сепак неопходно се интервенции во одредени делови.

„Законот беше резистентен на сите предизвици во изминативе две декади и сметаме дека има можност истото законско решение да се подобри од неколку аспекти. За жал, сведоци сме на несовесни однесувања на одредени градоначалници, кои сега со ова законско решение не можат да бидат отповикани. Главниот фокус и главната интенција за отворање на овој закон беше токму во таа насока”, истакна министерот, кој информираше дека е формиран експертски тим којшто со поддршка од страна на УНДП треба да ги увиди сите можности како во рамки на постојното законско решение да се интегрира алатка за отповикување на градоначалниците.

„Во суштина треба да им се даде алатка и механизам на граѓаните коишто ги избираат градоначалниците да можат истите да ги отповикаат, без притоа оваа алатка да се злоупотребува. Сметаме дека на овој начин значително ќе придонесеме за подобрување и зголемување на квалитетот на работењето на самите градоначалници, бидејќи ќе го имаат ризикот за отповикување, доколку не работат соодветно и согласно законските рамки. Вториот аспект е воведување на комунална полиција која функционира во многу земји во регионот и пошироко. Целта е да превенираме девијантни однесувања на несовесни граѓани”, рече Перински кој најави дека се размислува во изменетото законско решение да се вметне и рамка за поголемо вклучување на граѓанскиот сектор во одлучување и креирање на политики на локално ниво.

Императив на Министерството за локална самоуправа во периодот што следи е и дигитализацијата на општините, односно планирано е до 2026 година сите локални самоуправи да ги испорачуваат услугите по електронски пат.

„Паралелно до тогаш, планирано е општините да ги ажурираат и базите на даночните обврзници. Податоците покажуваат дека општините сега губат од 100 – 120 милиони евра поради ниската наплата. Со е-данок градоначалниците нема да можат да бидат субјективни при издавање на решенија на данок на имот, целиот процес ќе биде системски”, појасни Перински, кој информираше дека Министерството за локална самоуправа со поддршка на УНДП работи на подготовка на Ресурсен центар кој ќе нуди експертиза од сите области кои ги нудат општините, а значително ќе биде од помош пред се за помалите општини, кои, како што оцени Перински, имаат недостаток од човечки потенцијал кој може соодветно да ја развива општината.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со најавите за напуштање на општините Струмица и Карпош од ЗЕЛС, министерот оцени дека во случајот најмногу би изгубиле граѓаните. Јавно апелираше за разум до градоначалниците и изрази надеж дека тие ќе се премислат во интерес на граѓаните.