Skip to main content
Свет

Папата Франциск го нарече „срамен“ планот на Трамп за депортирање имигранти

20/01/2025  13:55

Поглаварот на Римокатоличката црква ја критикуваше најавата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека по преземањето на функцијата ќе иницира построго спроведување на антиимиграциските мерки, вклучително и депортации.

Во интервју за италијанскиот канал Канал 9, папата Франциск рече дека би било „срамота“ доколку Трамп продолжи со најавениот план, објави во понеделникот Ројтерс, додавајќи дека употребата на груби зборови е невообичаен начин на комуникација за поглавар на Римокатоличката црква.

Франциск, духовниот водач на 1,4 милијарди христијани, обично внимателно ги избира своите зборови кога зборува за политички прашања.

„Тоа не функционира. Така не се решава проблемот“, изјави папата.

Прифаќањето и пречекувањето на мигрантите е една од клучните теми на Папата во текот на неговиот 12-годишен понтификат.

Тој претходно ја критикуваше антиимигрантската политика на Трамп, а во 2016 година го обвини дека „не е христијанин“.