Европскиот парламент во вторник ќе одржи дебата за начините за справување со „ширењето на нелегални содржини, онлајн дезинформации и други општествени ризици со цел да се заштити европската демократија од странско мешање и алгоритамска манипулација“.
Иницијативата за ваквата расправа потекна од неколку пратенички групи, кои побараа „итна парламентарна дебата за неодамнешните објави“ на сопственикот на Икс, Елон Маск на неговата социјална мрежа и за тоа дали со нив се прекршуваат одредбите за умереност на содржините од Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА).
Претседателката на либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ), Валери Ајер порача дека Европа не може да биде слепа пред намерата на Маск да се меша во демократските процеси во ЕУ, додека лидерката на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), Ираче Гарсија Перез оцени дека на европските демократии им се закануваат нови опасности, кои „се помоќни и од оружје: лажни вести, говор на омраза и злоупотреба на социјалните мрежи“.
Германскиот европратеник од редовите на Европската народна партија (ЕПП), Аксел Вос соопшти дека неговата пратеничка група доставила неколку барања до Еврокомисијата за проценка дали однесувањето на Маск е во „спротивност со правилата утврдени со ДСА“, а слична загриженост изрази и европратеникот на Зелените, Демијан Бозелагер во отворено писмо упатено до извршната потпретседателка на ЕК за технолошка сувереност, безбедност и демократија, Хена Виркунен.
Реакциите на „мешање на Маск“ во европската политика почнаа откако тој лани во ноември на неговата социјална мрежа Икс објави дека голем дел од трошоците на ЕУ паѓаат на товар на Германија. Но, оваа негова објава не предизвика поголеми реакции на населението во Германија, па тој минатиот месец реши дополнително „да се вмеша“ во германската внатрешна политика јавно поддржувајќи ја антимигрантската екстремно десничарска партија Алтернатива за Германија (АФД), во пресрет на февруарските предвремени парламентарни избори во земјата.
Тој тогаш изјави дека АФД, која патем важи и за „пријателски настроена кон Русија“, е единствената политичка сила што може да ја „спаси Германија“. Дополнително, минатиот четврток тој имаше интервју со колидерката на АФД, Алис Вајдел, што беше пренесувано во живо на Икс.
Германија, сепак, не е првата европска дестинација кон кој се насочи Маск. Уште лани во август тој се обиде да поттикне расистички немири во северниот дел на Англија со објави на Икс во кои предупредуваше на можна „граѓанска војна“.
Оттогаш, неговото фаворизирање на европските екстремно десничарски партии стана „вообичаена работа“. Како што наведува „Еуроактив“, и покрај тоа што предизвикуваа одредена вознемиреност, повеќето Европејци реагира со зачуденост на постапките на Маск.
Така, во анкета на ЈуГов, дури 68 отсто од анкетираните Германци изјавиле дека Маск „неправилно ја сфаќа Германија“, а според друго истражување во Велика Британија две третини од Британците не сакаат тој да стане влијателен фактор во политиката во нивната земја.
Се проценува дека Маск се обидува да изгради база на политичка моќ во Европа, слично како во САД со неговото активно учество во кампања новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за ноемвриските избори.
Маск применува тактика за промоција на своите фаворите преку провокативни изјави, обидувајќи се да ја зголеми нивната популарност. Минатиот месец во авторски текст во влијателниот германски весник „Велт“, Маск тврдеше дека АФД „ќе стави крај на економскиот пад на Германија“ и ја бранеше партијата од обвинувањата за екстремизам и ширење омраза кон мигрантите.
Во тој контекст, Маск дури посочи дека партнерката на Вајдел, Сара Босард е „припадничка на етничко малцинство“, што е доказ дека нејзините критичари „очигледно грешат“. – Дали тоа Ви звучи како Хитлер? Ви се молам!, наведе Маск во текстот.
Маск лани најави и дека размислува да „и донира 100 милиони долари“ на екстремно десничарската партија Реформа на Обединетото Кралство (Реформ УК), поранешната Брегзит партија, на Најџел Фараж, но потоа се сврте против него и застана во поддршка Томи Робинсон, основач на екстремистичката Англиска одбранбена лига (ЕДЛ).
Дополнително, Маск го нападна и актуелниот британски премиер, лабуристот Кир Стармер, изнесувајќи обвинувања дека бил „соучесник во масовни силувања“, затоа што „не успеал да се справи“ со банда обвинета за случаи на злоупотреба на деца во времето кога бил јавен обвинител од 2008 до 2013 година.
Покрај ова, Маск ги нападна и италијанските судии кои се изјаснија против планот на премиерката Џорџа Мелони за отворање на центар за сместување на барателите на азил во северна Албанија и во објава на Икс наведе дека тие треба „да ги загубат своите работни места“.
По ова беше објавено дека Италија преговара со компанијата „СпејсИкс“ на Маск за набавка на телекомуникациски систем за потребите на италијанската Влада вреден 1,5 милијарди евра и покрај заложбите на ЕУ за ограничување на користењето на даватели на услуги од земји кои не се членки на Унијата. Маск дополнително на Икс најави дека и други земји од ЕУ ќе го следат примерот на Италија.
Ваквите постапки на Маск предизвикаа реакции на повеќемина европски лидери, меѓу кои и Стармер, германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон.
Политиколог од Универзитетот во Амстердам, Клес де Врис, во изјава за „Еурактив“ вели дека нервозата на европските политички лидери е оправдана, бидејќи се соочуваат со „нов тип на интервенција, која претставува непозната територија за Европа“.
Според него, Маск е комбинација на некој кој има политички проект и кој ја поседува една од најмоќните глобални комуникациски мрежи.
Сепак, Де Врис, смета дека шансите на Маск за успех сличен на оној со победата на Доналд Трамп на американските претседателски избори, изгледа невозможен во Европа.
– Генерално, ќе биде тешко за американските политички сили да интервенираат во Европа, вели Де Врис, посочувајќи дека во Европа постојат сложена политичка култура и повеќепартиски политички системи што „ги фаворизираат нијансите, наспроти поларизацијата“.
Со Де Врис се согласува и политикологот од Универзитетот во германскиот град Трир, Уве Јун, кој смета дека „мешањето на Маск“ би можело да го зголеми процентот на гласови за АФД, но дека сепак партијата има „ограничен гласачки потенцијал“, при што не може да привлече повеќе од 25 отсто од избирачите.
Но, според Јун, „кампањата на Маск“ сепак ќе остави трага, бидејќи ќе помогне да се легитимизира АФД и таа да стане „нова нормалност“ на германската политичка сцена. – Тоа е она кон што партијата всушност и се стреми, заклучува Јун.