Skip to main content
Економија

Бранимир Јовановиќ: Владата нема визија за економски развој

25/10/2024  10:31

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии ја критикува владата за неуспехот да презентира јасна и уверлива визија за економски развој, во услови на намалени прогнози за растот на македонската економија. Според него, најновите прогнози на Светска банка и ММФ, кои го намалија растот на 1,8 отсто за оваа година, се очекувани, но проблемот лежи во внатрешните фактори кои Владата може да ги адресира, а не го прави тоа.

„Ова се должи на комбинација од надворешни и внатрешни фактори. Германија, која е наш најголем трговски партнер, се соочува со рецесија, што директно влијае на нашата економија. Но, голем дел од одговорноста лежи во Владата, која не успеа да презентира убедлив план за економски раст. Сè што видовме е заем од Унгарија од 500 милиони евра, а тоа не може да биде основа на економски раст,“ изјави Јовановиќ.

Тој ја нагласува потребата за итни реформи и капитални инвестиции, наместо фокусирање на краткорочни и неефективни мерки како задолжувањето и покачувањето на пензиите. Јовановиќ истакнува дека, без јасен економски план, Македонија нема да може да го подобри своето економско опкружување и да го забрза растот.