Skip to main content
Магазин

24 часа мрак: Како се живее во поларната ноќ на Свалбард

17/01/2025  00:06

Моментално е поларна ноќ во Лонгјарбиен, главното населено место на норвешкиот архипелаг Свалбард. Ова е редок природен феномен што се случува северно од Арктичкиот круг, кога сонцето не се појавува над хоризонтот, а денот е заменет со 24-часовна темница. Во Лонгјарбиен, поларната ноќ трае од крајот на октомври до почетокот на февруари, претворајќи го секојдневниот живот во уникатно искуство.

Жителите на оваа арктичка заедница, каде температурите во јануари се движат околу -6°C, започнуваат со своите дневни активности во мрак. Утрото во девет часот изгледа исто како и полноќ, а напладне, кога би требало да е светол дел од денот, доминира целосна темнина. Единствена утеха се танцувачките бои на поларната светлина, кои повремено го украсуваат небото.

За да го победат чувството на изолираност и замор, локалното население применува различни стратегии. Улиците, домовите и работните места се осветлени со силни светла, а многумина користат светилки за светлосна терапија, кои го имитираат сончевиот сјај и го подобруваат расположението, сонот и енергијата. Покрај тоа, жителите активно се занимаваат со физички активности, посетуваат локални теретани или уживаат во зимски спортови.

Сесила Бломдал, жителка на Свалбард, која својот живот го документира на својот YouTube канал, споделува како жителите се справуваат со предизвиците на животот во екстремни услови. Покрај тоа што поларната ноќ бара психолошка подготвеност, носењето огнено оружје е обврзно заради заштита од поларни мечки, кои се чести во овој регион.

Храната, поради тешките услови, мора да се доставува со бродови или авиони, што ја прави значително скапа. Жителите, како Сесила, месечно трошат околу 1.200 евра за основни намирници. Сепак, тие наоѓаат радост во мали нешта, како готвењето, дружењето и истражувањето на природните убавини на архипелагот.