Skip to main content
Свет

Министерот за одбрана на Израел во порака до Хутите ја презеде одговорноста за убиството на Ханија

24/12/2024  07:52

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац синоќа првпат јавно призна дека Израел на 31 јули годинава во Иран го убил лидерот на радикалната палестинска група Хамас, Исмаил Ханија.

-Во овие денови кога терористичката организација Хути истрелува проектили кон Израел, сакам да им испратам јасна порака на почетокот на мојата изјава: го победивме Хамас, го победивме Хезболах, ја уништивме воздушната одбрана на Иран и имаме штета на производствените мрежи, го соборивме режимот на Асад во Сирија, нанесевме тежок удар на Оската на злото и тежок удар ќе и нанесеме на терористичката организација Хути во Јемен, рече Кац.

Во саботата, ракета истрелана од Јемен не беше пресретната од израелската противвоздушна одбрана и рани најмалку 14 лица во областа на Тел Авив.

-Ќе ја погодиме стратешката инфраструктура (на Хутите) и ќе ја отсечеме главата на нивното раководство, додаде израелскиот министер за одбрана, мислејќи на наследникот на Ханија на чело на радикалната палестинска група Хамас, Јахја Синвар и лидерот на либанското шиитско движење Хезболах – Хасан Насрала.